Со низа настани во рамки на манифестацијата „Прличеви Беседи“, Општина Охрид го чествува ликот и делото на Григор Прличев и одбележува 133 години од неговата смрт.

Градоначалникот Кирил Пецаков присуствуваше на панихидата која се одржа на вечното почивалиште на Григор Прличев во дворот на црквата „Света Богородица Перивлепта“ и положи ловоров венец на спомен бистата пред градската библиотека. Делегација на Општина Охрид, положи свежо цвеќе и на неговиот споменик во истоименото училиште.

Во рамки на манифестацијата се одржа и настанот „Стихови и звуци за Прличев“ кој се одржа во спомен куќата на ловороносецот, каде што во име на Општина Охрид се обрати Ана Крстеска, заменик градоначалник.

 

Grigor-Prlicev02062026014– Голема е честа и исклучително е чувството на гордост што имам можност да се обратам на овој прекрасен настан, посветен на нашиот најпознат охриѓанец и еден од најмаркантните дејци во македонската културна и книжевна историја, Григор Прличев.

На мое особено задоволство и оваа година остануваме верни на традицијата и преку богата програма оддаваме почит на неговото бесценето дело и врвни творечки достигнувања. Иако поминаа 133 години од неговото упокојување, ликот и делото на Прличев и денес живеат во духовната меморија на нашиот народ и претставуваат светол патоказ за идните генерации.

Опсежната книжевна критика го вреднува Прличев како еден од најгенијалните поетски таленти и најрепрезентативните личности на македонското литературно небо. Неговото име, неговото творештво и неговиот животен пат и денес се предмет на сериозни научни истражувања и трајна инспирација за нови истражувања, истакна Крстеска во своето обраќање.

Таа потенцираше дека со поддршка на Општина Охрид, преку Одделението за култура, обезбедени се две изданија на книгата „Јазик и леб“ од Славе Ѓорѓо Димоски, отпечатени во Брајово писмо. Книгите денеска им беа врачени на Библиотеката „Григор Прличев“ и на Здружението на слепи лица од Охрид.

Во рамки на настанот се одржа промоција на делото „Охридска книжевна историографија“ од Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, која е 13-та книга од едицијата „Охридско книжевно наследство“, поддржана од Локалната самоуправа. Во ова значајно издание, на околу 300 страници, хронолошки и антологиски се прикажува историјата на Охрид, низ пресекот на книжевноста и историографијата, создавана од охриѓани. Промотор на книгата беше Бобан Крапејоски, а пред присутните се обрати и уредникот на изданието Митре Велјановски.

Како дел од свеченоста, беа врачени и наградите за најдобрите творби од литературниот конкурс на ООУ „Григор Прличев“.

Во рамки на програмата во Библиотеката „Григор Прличев“ се одржа и традиционалната „Прличева визита“ на која беше прикажан документарниот филм „По стапките на Прличев“ во сценарио и режија м-р Милчо Јованоски. Исто така беше доделена и наградата за најдобра беседа 2026 година на Софија Стојанова.